Првите снежни врнежи оваа сезона донесоа сериозен метеж и хаос во сообраќајот во Скопје. Утрово, голем број улици беа целосно или делумно непроодни, а граѓаните преку социјалните мрежи масовно реагираа на состојбата, информира „Скопје инфо“.
Како едни од најпроблематичните точки се издвојуваат мостот Маџари во правец кон Ченто, како и надвозникот што ја поврзува населбата Даме Груев со Ѓорче Петров. На овие локации, според сведочењата на возачите, возилата со часови се заглавени без можност за движење. Колозите се целосно замрзнати, а сообраќајот или се одвива крајно бавно или е целосно во прекин.
Сериозни потешкотии се забележуваат и во Општина Илинден, каде што се формирале долги колони, а излезот кон автопатот е речиси невозможен. Причината, како што наведуваат граѓаните, се замрзнатите патишта и застојот на возилата. Иста е состојбата и во населбите Драчево и Пинтија, каде сообраќајниците се исклучително лизгави, а редиците од автомобили се протегаат со километри.
Проблемите не го одминаа ниту јавниот превоз. Еден граѓанин преку социјалните мрежи опиша дека на автобуската линија 7, на Трета македонска бригада, повеќе од 200 луѓе чекале автобус подолго од еден час. Поради безизлезната ситуација, дел од патниците биле принудени пеш да се упатат кон Железничката станица, надевајќи се дека ќе најдат превоз кон својата дестинација.
Граѓаните упатуваат апели до надлежните институции за итна и поефикасна интервенција, со навремено чистење и посипување на улиците, особено на мостовите и надвозниците. Како што велат, поради ваквите услови голем број луѓе доцнат или воопшто не успеваат да стигнат на своите работни места.
Во меѓувреме, надлежните препорачуваат возачите да бидат максимално внимателни, задолжително да користат зимска опрема и, доколку нема итна потреба, да ги одложат патувањата сè додека состојбата на патиштата не се подобри.

















