Тежок и вознемирувачки случај ја потресе јавноста откако во Гостивар беше приведен 34-годишен маж под сомнение дека го лишил од живот сопствениот татко во семејниот дом.
Според информациите, ноќеска околу 01:50 часот, полициски службеници го лишиле од слобода М.Д. (34) од Гостивар, поради основано сомнение дека сторил кривично дело „убиство“. Само дваесетина минути претходно, во 01:30 часот, во полициската станица било пријавено сомневање за смрт на член од семејството под неразјаснети околности.
По пријавата, полицијата веднаш излегла на терен. Во куќата го пронашле 63-годишниот К.Д. без знаци на живот, со видливи повреди и траги на насилство во пределот на главата, што веднаш отворило сомнеж дека станува збор за насилен чин.
Како главен осомничен бил приведен неговиот син, кој во првичната изјава тврдел дека татко му починал претходниот ден околу 14:50 часот, наводно по пад во бањата. Сепак, фактот што случајот не бил пријавен навреме, како и утврдените повреди, довеле до дополнителни сомнежи и полициска интервенција.
За настанот е известен и јавен обвинител, а надлежните институции преземаат интензивни мерки за целосно расчистување на случајот. По завршување на истрагата, се очекува да биде поднесена соодветна кривична пријава против осомничениот.



















