Рудникот „Булмак 2016“ воведува нова финансиска мерка со која дополнително ќе ги наградува работниците кои редовно ги исполнуваат работните обврски, не отсуствуваат и навреме пристигнуваат на смените.
Новата стимулација ќе започне да се применува со ноемвриската плата, а според најавата на компанијата, вработените кои во текот на месецот немаат ниту едно отсуство и не доцнат на работа ќе добиваат дополнителен месечен бонус во износ од 5.000 денари.
Од „Булмак 2016“ објаснуваат дека со оваа мерка сакаат да ја поттикнат и наградат дисциплината, одговорноста и посветеноста на работниците, но истовремено да придонесат и за подобра организација и функционирање на работниот процес.
Компанијата посочува дека рударството претставува сложена дејност во која безбедноста и ефикасноста во голема мера зависат од ангажманот на секој вработен. Ова особено доаѓа до израз при работата под земја, каде што навременото присуство на работниците, како и координацијата меѓу различните служби, се од суштинско значење за производството да се одвива непречено и безбедно.
Од компанијата дополнително нагласуваат дека присуството и придонесот на секој член од колективот имаат значајна улога во одржувањето на стабилноста на тимот. Со воведувањето на бонусот, како што наведуваат, сакаат да ја покажат важноста на трудот, одговорноста и редовноста на своите вработени.
Новата мерка, според „Булмак 2016“, е дел од пристапот на компанијата во кој грижата за работниците и вреднувањето на нивниот придонес се поставени како важен дел од работењето.







