ПРВ.мк
Балкан

ГОЛЕМА ПРОМЕНА ВО ТАКСИ-ПРЕВОЗОТ: Убер и Болт добиваат законска можност за работа, воведени и нови услови за возачите!

ГОЛЕМА ПРОМЕНА ВО ТАКСИ-ПРЕВОЗОТ: Убер и Болт добиваат законска можност за работа, воведени и нови услови за возачите!

Словенечката влада усвои предлог за измени на Законот за патен транспорт со кој се отвора можност такси-превозот да се организира и преку дигитални апликации, како Uber, Bolt и други слични платформи. Новото законско решение предвидува промени во начинот на пресметување на цените, поголем надзор врз работењето и дополнителни услови што ќе треба да ги исполнуваат такси-возачите.

Предлогот бил усвоен во средата, а како што објаснил државниот секретар за мобилност и транспорт, Марко Дворник, на прес-конференција, една од главните новини е воведувањето на дигиталните платформи како алтернатива на досегашниот традиционален систем на такси-превоз и наплата преку таксиметри.

Информацијата ја пренела словенечката новинска агенција СТА (STA), наведувајќи дека со законските измени се создава правна основа за функционирање на услугите што ги нудат Uber, Bolt и слични апликации. Нивниот статус во Словенија со години беше правно неразјаснет, што практично го ограничуваше работењето на Uber во земјата во неговиот вообичаен модел.

Со новите правила, дигиталните апликации ќе мора да обезбедат јасни информации за патниците уште пред започнувањето на возењето. Корисниците ќе треба да бидат информирани за планираната маршрута, максималната цена што може да ја достигне превозот, како и за деталите поврзани со возилото што ќе ги превезува.

Платформите ќе треба да овозможат и следење на маршрута во текот на возењето, а по завршувањето на услугата да издадат електронска потврда. Плаќањето преку апликациите ќе биде исклучиво безготовинско.

Измените предвидуваат и нов начин на пресметување на цената на такси-превозот. Наместо истовремено да се земаат предвид и изминатото растојание и времетраењето на возењето, цената ќе се пресметува врз основа на еден од овие два критериуми. Со ова, според предложеното решение, треба да се избегнат ситуации во кои двата параметри се комбинираат на начин што може да доведе до двојна наплата и незадоволство кај патниците.

Инспекциските служби ќе добијат поголеми овластувања за контролирање на работењето на такси-превозниците и за санкционирање на неправилностите. Предвидени се и казни за неправилна употреба на дигиталните апликации и за практики што не се во согласност со новите правила.

Промени се предвидени и во условите што ќе треба да ги исполнуваат такси-возачите. На барање на синдикатот на такси-возачите, законското решение воведува обврска за основно познавање на словенечкиот јазик, кое ќе треба да се докаже при добивањето на лиценцата за вршење на дејноста.

Во општините и областите каде што важи двојазичност, возачите ќе треба да го познаваат и италијанскиот, односно унгарскиот јазик, зависно од средината во која ја вршат услугата. За оние кои веќе работат како такси-превозници е предвиден преоден период од една година за да го исполнат новиот услов.

Кога станува збор за цените на такси-услугите, ресорното министерство засега се залага тие да продолжат да се формираат според пазарните услови, без воведување дополнителни регулативи за тарифите. Општините, сепак, ќе ја задржат надлежноста да утврдуваат стандарди поврзани со опремата на возилата и нивните емисии.

Со предложените измени, Словенија се подготвува да го модернизира такси-секторот и да овозможи поголема употреба на дигиталните платформи, но истовремено да воведе дополнителни правила за транспарентност, контрола и квалитет на услугата.

Најнови вести