Откупната сезона е последната фаза од едногодишниот труд на тутунарите, а по одгледувањето, бербата и сушењето, особено внимание треба да се посвети на правилното пакување на тутунот пред неговото предавање. Од начинот на кој ќе биде подготвена реколтата зависи и зачувувањето на нејзиниот квалитет.
Од СЕКЕ советуваат секоја кутија внимателно да се проверува пред да биде затворена, а во неа да се става исклучиво тутун од иста берба и со ист квалитет. Доколку се мешаат листови со различни квалитети или од различни берби, целата кутија може да биде оценета според најниската класа на тутунот што се наоѓа во неа.
Посебно внимание треба да се посвети и на влажноста на тутунот. За влажност до 16 проценти не се предвидуваат одбитоци, додека кај тутунот со влажност над 16, а до 20 проценти, вишокот влага се одбива од тежината. Тутунот чија влажност надминува 20 проценти, како и тутунот кој е прскан со вода, нема да биде откупен.
При пакувањето, важно е во кутиите да не се остават никакви несакани материјали или нечистотии. Не смее да има пластика, метал, конци, остатоци од ракавици, гума, пердуви, цветови, плевел, инсекти или стакло.
Од СЕКЕ дополнително предупредуваат тутунот да не се третира со хемиски препарати за време на пакувањето. Исто така, веќе спакуваната реколта треба да се чува во простории во кои нема мириси од хемикалии, горива или добиток, за да не се наруши неговиот квалитет.
Со овие препораки, СЕКЕ ги потсетува тутунарите дека внимателното пакување е важен дел од зачувувањето на вредноста на реколтата, по целогодишниот вложен труд.
Чувајте си го трудот. Чувајте си ги парите.








