Австралиец кој паднал од балкон на повеќекатница во предградие на Сиднеј бил во „изменета психичка состојба“ кога паднал четири метри подолу во дворот на соседот држејќи го во раце своето 18-месечно бебе.
Итните служби пристигнале во предградието Бервуд во среда околу 8.30 часот наутро по пријави дека маж и дете паднале од висина од неколку метри во близина на локално училиште, додека учениците влегувале на настава.
– Имаше многу полиција. Видов едно девојче таму на таа страна од патот – изјавил еден сосед за „Дејли мејл Австралија“.
Еден извор на весникот навел дека мажот кој паднал бил во „изменета“ состојба на свест. Не е познато дали падот бил намерен или таткото со бебето едноставно паднал од својот балкон. Таткото го повредил скочниот зглоб, додека бебето преживеало и со неверојатна среќа поминало само со една гребнатинка на главата.
Тие се пренесени во локални болници и двајцата се во стабилна состојба. Станарите на Бервуд биле во шок кога се појавила група полиција во ова инаку мирно населено место.
– Ништо не ни кажуваат – изјавил за „Дејли мејл“ млад пар кој живее на третиот кат од зградата.
Друг станар се сеќава дека неодамна го видел „насмеаното, среќно дете“ со таткото во лифтот, но посочил дека живеат во мирна населба во која повеќето луѓе си гледаат своја работа. Друг сведок раскажал за „Дејли мејл“ дека подрачјето било полно со полиција и болничари. Детективите го оградиле теренот додека трае истрагата, а биле забележани во станот на првиот кат за кој се верува дека му припаѓа на таткото кој паднал од балконот со бебето.
Истрагата е во тек.








