Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за денеска најавува променливо облачно и посвежо време, проследено со повремени врнежи од дожд, кои на одредени места ќе бидат пообилни и ќе надминат 15 литри на квадратен метар.
Според прогнозата, локално ќе се создадат услови за нестабилна атмосфера, со појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ветерот ќе биде слаб до умерен од северен правец, а долж Повардарието повремено ќе достигнува брзина поголема од 50 километри на час.
Утринските температури ќе се движат меѓу 9 и 18 степени, додека дневните максимални ќе бидат во интервал од 20 до 27 степени, што ќе донесе посвежо време во споредба со претходните денови.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а во одделни делови од котлината можно е да има поинтензивни врнежи проследени со грмежи и засилен ветер. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, а температурата ќе се движи од минимални 15 до максимални 26 степени.
Според најновата прогноза на УХМР, временските услови ќе се стабилизираат за време на викендот, кога ќе преовладува стабилно време. Нов бран врнежи од дожд и локална нестабилност се очекува во понеделник, додека од вторник повторно следува период на стабилно време со постепен пораст на дневните температури.







