Голем пожар попладнево избувна и се прошири во атарите на струмичките села Баница и Водоча, како и во месноста Софилар, а огнената линија во еден момент стигнала во непосредна близина на првите куќи.
На терен се ангажирани расположливите противпожарни екипи, кои се обидуваат да го стават пожарот под контрола и да спречат негово натамошно ширење кон населените места.
Градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, информираше дека сите расположливи ресурси се вклучени во справувањето со огнената стихија и ги повика граѓаните да останат смирени.
„Сите кои во моментов се на терен се координирани и работат согласно ситуацијата, а сите конкретни информации ќе бидат споделени официјално“, порача Јанков.
Во гаснењето учествуваат пожарникари од Струмица, а помош пристигнала и од Валандово и Радовиш. Во борбата со пожарот бил вклучен и еден ер-трактор.
Според информации објавени во дел од медиумите, неколку лица побарале лекарска помош откако вдишале чад за време на пожарот.
Од Општина Струмица апелираат граѓаните да бидат особено внимателни поради високите температури и зголемениот ризик од пожари и да избегнуваат активности што можат да предизвикаат оган на отворено.
Екипите остануваат на терен, а повеќе информации за состојбата се очекуваат по завршувањето на интервенцијата.









