ПРВ.мк
Македонија

Нашиот херој за 2025 година: Јован Костадинов – момчето што спаси 21 живот од огнената стихија во Кочани

Нашиот херој за 2025 година: Јован Костадинов – момчето што спаси 21 живот од огнената стихија во Кочани
Kristal

Во година обележана со тешки настани и болни трагедии, едно име засекогаш ќе остане врежано како симбол на храброст, човечност и несебична пожртвуваност. Деветнаесетгодишниот Јован Костадинов од Виница, без ни миг двоумење, влезе во запалената дискотека „Пулс“ во Кочани и спаси 21 млад живот, ризикувајќи го сопствениот.

Кобната ноќ, кога пожарот ја зафати дискотеката и во неа настана хаос, паника и страв, Јован не помислил на себе. Додека многумина се обидувале да се спасат, тој со црево во рацете, низ густ чад и пламен, повеќепати се враќал во објектот. Од огнот и урнатините извлекувал деца кои биле заробени, дезориентирани и беспомошни.

Меѓу спасените бил и синот на Јадранка, мајка која јавно сведочеше за херојството на Јован.

„Во најмрачните моменти, кога сите бегаа, Јован беше светло на надежта. Го зеде мојот син на грб и го носеше низ оган и чад до болницата во Кочани. Му го спаси животот“, напиша таа на социјалните мрежи.

И самиот Јован претрпел повреди и изгореници, но неговата здравствена состојба денес е стабилна. На телото му останале лузни, но делото што го направи остави неизбришлива трага во срцата на граѓаните ширум Македонија.

По излегувањето од болница, Јован беше пречекан со силен аплауз во гимназијата „Ванчо Прќе“ во Виница, каде што е ученик. Професорите, соучениците и сограѓаните му оддадоа почит за несебичноста и храброста што ја покажа во моменти кога секоја секунда значеше живот или смрт.

Неговата постапка уште еднаш потврди дека вистинските херои не носат униформи, туку имаат големо срце. Во трагедија што одзеде животи, Јован Костадинов покажа што значи вистинска човечност и пожртвуваност.

Со право, за многумина тој е и ќе остане – херојот на 2025 година.

FixCredit
Escape