Успешно заврши бесплатната школа за пливање за деца во Општина Кавадарци, која ова лето предизвика голем интерес и опфати повеќе од 160 учесници.
На Градскиот базен, најмладите имаа можност бесплатно да ги научат и усовршат основните техники на пливање, да стекнат поголема сигурност во вода и истовремено летниот период да го поминат активно, преку спорт, дружење и забава.

Школата се реализираше во одлични услови на реновираниот Градски базен, со топла вода и соодветна средина за безбедно учење и рекреација. Покрај часовите по пливање, за децата беа организирани и дополнителни активности, игри и дружења.
Особено значајно е што со учесниците работеа професори по физичко и здравствено образование – Дарко Цеков, Влатко Пецов, Филип Атанасов, Јован Леотиковски, Илија Грозданов и Боро Ѓорѓиев. Со професионален пристап и посветеност, тие им помогнаа на децата да ги совладаат основите на пливањето и да развијат поголема самодоверба во вода.

Големиот интерес, со повеќе од 160 деца вклучени во програмата, уште еднаш ја потврдува потребата од вакви бесплатни спортски содржини за најмладите.
Општина Кавадарци продолжува со поддршка на проекти преку кои спортот и здравите животни навики стануваат подостапни за децата, создавајќи услови тие активно и квалитетно да го поминуваат своето слободно време.






