Во Македонија во првото тримесечје од 2026 година останале непополнети над 10.000 работни места, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика, што укажува на сè поголем недостиг на работна сила во клучни сектори од економијата.
Според анализата, најголем проблем со вработување имаат компаниите со 10 до 49 вработени, кои потешко се натпреваруваат со поголемите фирми што можат да понудат подобри услови, повисоки плати и поголема стабилност.
Вкупно биле регистрирани 10.247 слободни работни места, додека пополнети се 484.199 позиции, а стапката на слободни работни места изнесува 2,07 проценти. Овие бројки, според статистиката, потврдуваат дека значаен дел од побарувачката за работна сила останува незадоволена.
Најголем недостиг има во услужните дејности и продажбата, каде што се бараат илјадници работници. Келнери, продавачи, персонал во маркети, ресторани, хотели и трговски објекти се меѓу најбараните профили, при што во оваа група се евидентирани над 2.300 непополнети работни места.
Посебно загрижува состојбата во секторот за сместување и услужување храна, каде што секое дваесетто работно место останува празно. Работодавачите веќе подолго време алармираат дека тешко наоѓаат кадар, особено пред туристичките сезони, што директно влијае на работењето на објектите.
Значителен број непополнети позиции има и во преработувачката индустрија, трговијата, градежништвото и транспортот. Во трговијата се евидентирани над 2.000 слободни работни места, а во индустријата над 2.100, што дополнително го потврдува ширењето на проблемот.
Регионално, највисока стапка на слободни работни места е забележана во Вардарскиот Регион, додека најниска е во енергетиката и јавниот сектор.
Економските аналитичари предупредуваат дека недостигот на работна сила веќе станува сериозно ограничување за економскиот раст, а како главни причини се наведуваат иселувањето, стареењето на населението и недостигот на квалификувани работници.
Работодавачите сè почесто се принудени да нудат повисоки плати и дополнителни бенефиции за да привлечат и задржат работници, а доколку трендот продолжи, проблемот би можел да стане еден од клучните економски предизвици во наредниот период.








