ПРВ.мк
Македонија

На −26°C и силен ветер го освоија Пелистер за првото изгрејсонце во 2026 – а на врвот се случи и запросување

На −26°C и силен ветер го освоија Пелистер за првото изгрејсонце во 2026 – а на врвот се случи и запросување
Kristal

Во екстремни зимски услови, со температури кои се спуштаа и до −28 степени и ветер од околу 50 километри на час, педесетина планинари од Македонија, Црна Гора и Германија ја започнаа новата 2026 година на еден од највисоките и најубави врвови во земјава. По полноќ, на новогодишната ноќ, тие се искачија на врвот Антена на Пелистер, на 2.601 метар надморска височина, за заеднички да го дочекаат првото изгрејсонце во новата година.

Искачувањето се одвивало во исклучително тешки услови. Силниот студ и жестокиот ветер значително го отежнале движењето, иако станувало збор за искусни планинари. Според организаторите, секој чекор барал дополнителна концентрација и физичка издржливост поради вистинските алпски услови кои владееле тоа утро на Пелистер.

„Температурите беа екстремно ниски, а ветерот дополнително ја зголемуваше тежината на искачувањето. И покрај искуството на учесниците, потребно беше многу повеќе напор за безбедно да се стигне до целта“, изјави Иванчо Тошевски од планинарскиот клуб „Олимпус Монс“ од Битола, кој е организатор на настанот „Први на први“, а воедно и директор на Националниот парк „Пелистер“.

Планинарската акција започнала од Инфоцентарот на Пелистер и продолжила по утврдената рута кон врвот Антена. Меѓу учесниците имало добро познати имиња од планинарската заедница во Македонија и регионот, луѓе со богато искуство во зимски и високогорски услови.

Но, ова изгрејсонце немало само спортско и симболично значење. На самиот врв, на 2.601 метар надморска височина, Дарио Петровски ја запроси својата сакана Мишела Панајотова, претворајќи го моментот во незаборавна животна приказна.

„Имавме ведро небо, полна месечина, екстремно ниски температури и неверојатни погледи кон со снег покриената Баба Планина. Сето тоа го направи искачувањето посебно, а изгрејсонцето – магично“, додаде Тошевски.

Првите зраци од сонцето над Пелистер создадоа совршена сцена за запросување какво ретко се доживува. Дарио и Мишела, кои живеат и работат во Германија, специјално се вратиле во Македонија за празниците и за учество на настанот „Први на први“, а токму тука го одбележале и еден од најважните моменти во својот живот.

Настанот оваа година се одржа по петти пат, во организација на планинарскиот клуб „Олимпус Монс“, со поддршка на Општина Битола како дел од манифестацијата „Зимска приказна“. Неговата цел е симболично и достоинствено да се дочека Новата година со првото изгрејсонце од еден од највпечатливите природни видиковци на Балканот – Пелистер.

FixCredit
Escape