Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово ги посети пациентите повредени во пожарот во Кочани, кои се хоспитализирани во болници во Солун. Посетата ја реализираше во придружба на министерот за здравство, Арбен Таравари, и заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Тасос Хаџивасилеу.

„Од информациите што ги добивме, нивната здравствена состојба е стабилна, а лично се уверив дека медицинскиот персонал посветено и одговорно се грижи за нив,“ изјави Муцунски.

Тој упати благодарност до грчките власти за поддршката во овие тешки моменти за Македонија. Во разговорите со семејствата на пациентите нагласи дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку своите дипломатски и конзуларни претставници во Грција, останува на 24-часовно располагање за секоја потребна помош и поддршка.