ПРВ.мк
Македонија

МРП вакцината предизвикува аутизам? Македонска професорка ја откри вистината за митот што трае повеќе од 25 години

МРП вакцината предизвикува аутизам? Македонска професорка ја откри вистината за митот што трае повеќе од 25 години

Прашањето дали МРП вакцината, која штити од морбили, рубеола и заушки, може да предизвика аутизам со години предизвикува загриженост кај дел од родителите. Сепак, бројните научни истражувања не утврдиле причинско-последична поврзаност меѓу оваа вакцина и аутизмот.

Ова го нагласи проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Таа потсети дека митот потекнува од 1998 година, кога британскиот лекар Ендрју Вејкфилд објавил контроверзна студија која подоцна била повлечена поради сериозни неправилности.

Иако научната заедница ги отфрлила нејзините заклучоци, сомнежите продолжиле да се шират меѓу родителите.

Грозданова објасни дека зголемениот број дијагностицирани случаи на аутизам не претставува доказ дека причината е вакцинацијата.

„Научно нема никаков доказ. Истовременото зголемување на бројот на дијагностицирани случаи не значи дека причината е вакцинацијата“, истакна таа.

Според професорката, подобрената дијагностика, поголемата информираност и полесниот пристап до стручна помош придонесуваат за почесто препознавање на аутизмот.

Таа потсети дека и генерациите на денешните родители ја примале МРП вакцината, чиј состав и стандарди со децении се добро познати.

Грозданова нагласи дека довербата во имунизацијата треба да се гради преку отворена комуникација меѓу родителите и здравствените работници.

Наместо да се потпираат на непроверени информации од интернет, родителите треба да разговараат со педијатри и имунолози и да користат релевантни медицински извори.

Научниот консензус останува јасен: МРП вакцината не предизвикува аутизам, а навремената имунизација е важна за заштита на децата од заразни болести.