ПРВ.мк
Македонија

Мицкоски најави нов пакет мерки – Владата подготвува нов одговор на нафтената криза и растечките цени!

Мицкоски најави нов пакет мерки – Владата подготвува нов одговор на нафтената криза и растечките цени!

Премиерот на Христијан Мицкоски најави дека Владата подготвува нови мерки за справување со нафтената криза, нагласувајќи дека државата се соочува со сериозни економски предизвици, но и дека се прават напори за стабилизација на состојбите и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Во интервју за „Тема на денот“ во Дневникот на Сител Телевизија, премиерот истакна дека Владата не се справува само со тековните кризи, туку и со, како што рече, „наследен хаос и долгови“ од претходни периоди, што дополнително го отежнува економското управување.

Тој направи споредба меѓу актуелната и кризата од 2022 година, посочувајќи дека и двете започнале во ист период, но инфлацијата тогаш била над 10%, додека сега е значително пониска, околу 4,5% до 4,9%.

Мицкоски се повика и на оценки од Меѓународниот монетарен фонд, според кои земјата, како што рече, е меѓу трите во Европа по обемот на применети мерки во однос на бруто домашниот производ. Тој додаде дека, иако животот е тежок, слични предизвици постојат и во развиени европски економии како Германија и Австрија, каде цените на горивата се високи.

Во своето обраќање, премиерот нагласи дека разликата во животниот стандард меѓу Македонија и развиените земји и понатаму постои, но според него, таа разлика се намалува во споредба со претходниот период. Тој оцени дека тоа е резултат на спроведените економски политики.

Премиерот се осврна и на фискалните предизвици, наведувајќи дека Владата се соочува со отплата на големи долгови, решавање на спорни финансиски обврски и намалување на буџетскиот дефицит, при што истакна и раст на нето платите според последните податоци.

Во однос на критиките од јавноста, тој порача дека тие се легитимни и корисни, но додаде дека граѓаните очекуваат брзи резултати во услови на долгорочни проблеми што не се создадени во краток период.

Најзначајниот дел од неговата изјава се однесуваше на новите мерки што се во подготовка. Тој нагласи дека Владата веќе има значително ангажирано средства од буџетот, но дека поради продолжената енергетска криза ќе бидат потребни дополнителни интервенции. Според него, сегашната криза е меѓу најсериозните во последните децении на глобално ниво, со директно влијание врз цените и снабдувањето со гориво.

Мицкоски заклучи дека, и покрај тешките услови, Владата ќе продолжи со мерки за стабилизација на цените и заштита на граѓаните, со цел постепено подобрување на економската состојба.

Најнови вести