Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска официјално ја претстави коалицијата „Твоја Македонија“, составена од 25 партии кои го претставуваат колоритот на македонското општество.
„Денес ја формализираме коалицијата Твоја Македонија која заеднички ќе настапи на овие локални избори. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е најголема и вклучува партии од различен карактер што го одразува богатството и разновидноста на македонското општество,“ изјави Мицкоски.
Тој подвлече дека локалните избори се клучни поради надлежностите на општините во решавањето на проблемите на граѓаните и изборот на луѓе кои ќе бидат вистински глас на народот.
„Овие избори се важни бидејќи локалните самоуправи имаат директна одговорност за проблемите на граѓаните, а изборот на добар градоначалник е пресуден. Исто така, секој граѓанин треба да го направи вистинскиот избор за својот град и општина,“ рече Мицкоски.
Коалицијата усвои „Декларација за Македонија на граѓаните и за општини што создаваат иднина“, која ветува инвестиции во инфраструктура, отворање работни места, унапредување на здравството, образованието и политиките за млади, како и заштита на животната средина.
„Инфраструктурата е темелот на развојот, затоа ќе вложуваме во патишта, мостови, водоводи, училишта и спортски сали. Ќе се бориме за чист воздух, подобро управување со отпадот и користење обновливи извори на енергија,“ рече Мицкоски.
Во завршниот дел, тој потенцираше дека визијата на „Твоја Македонија“ е силни граѓани, силни општини и силна држава.
„Со верба во државата и народот, сме решени да изградиме просперитетна, праведна и модерна Македонија. Овие избори се избори за иднината,“ заклучи Мицкоски.