Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) изрече казна од 200.000 денари за компанијата „Булмак“, која управува со рудникот „Тораница“ во Крива Паланка, поради утврдена загадувачка активност. Според извештаите од инспекциските контроли, компанијата направила прекршок од трета категорија.
„Според пријавата од „Булмак“ на 14.03.2025 година, во периодот од 06:30 до 07:00 часот, дошло до инцидент при што пукнал цевководот преку кој технолошката вода од таложното езеро се пренесува до флотациониот погон. Водата не содржи хемикалии, но била заматена поради механички нечистотии. Компанијата пријави дека дефектот е саниран и истекувањето е запрено. Согласно Законот за животна средина, предвидената глоба за големи компании изнесува од 180.000 до 200.000 евра, а за одговорното лице во компанијата до 10.000 евра“, соопштија од Министерството.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, упати јасна порака дека нема да има толеранција за загадувачите:
„Законот мора да се почитува. Секој што го загрозува животната средина ќе се соочи со санкции без исклучок. Инспекциските контроли ќе продолжат со зголемен интензитет, а Министерството ќе инсистира на транспарентност и целосна одговорност. Ова е само еден од многуте чекори што ги преземаме за да обезбедиме чиста и безбедна средина за сите граѓани.“
Од Министерството најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период со цел спречување на загадувачките активности и заштита на животната средина.