Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари треба да се откаже од политичките разговори со Демократската унија за интеграција, во спротивно нема да може да остане дел од ВЛЕН. Ова го изјави за АЛСАТ првиот вицепремиер, Изет Меџити.
Според Меџити, станува невозможно ВЛЕН да остане вака како што е, но сè зависи од одлуката на Таравари, дали ќе остане во ВЛЕН или ќе продолжи по патот со ДУИ.
Првиот вицепремиер, Изет Меџити, во интервју за новинарката Арта Тахири исто така рече дека Арбен Таравари со своите последни изјави се обидува да ги збуни гласачите на ВЛЕН, претставувајќи идеи кои досега биле непознати за политичката теорија.
Според Меџити, Таравари на следните локални избори сака да настапи самостојно и без разлика на резултатите во различни општини, да бара соработка со ВМРО, СДСМ, ДУИ и другите политички партии.