Откриени можни траги на живот надвор од Сончевиот систем – планета оддалечена 124 светлосни години носи најсилен доказ досега
Планета оддалечена 124 светлосни години од Земјата би можела да биде клучот за одговорот на едно од најголемите прашања на човештвото – дали сме навистина сами во вселената? Според новите податоци добиени од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“, научниците откриле хемиски траги кои на Земјата се поврзуваат исклучиво со живи организми.
Станува збор за егзопланетата „K2-18 b“, која орбитира околу ѕвезда-црвенo џуџе во соѕвездието Лав. Таа е речиси девет пати помасивна од Земјата и се наоѓа во таканаречената „создавачка зона“ – регион околу ѕвезда каде што условите би можеле да дозволат постоење на течна вода.
Според објавените наоди во научното списание The Astrophysical Journal Letters, во атмосферата на оваа планета се идентификувани траги на диметил-сулфид (DMS) и диметил-дисулфид (DMDS) – молекули што на Земјата се создаваат исклучиво преку биолошки процеси.
– Ова е најсилниот доказ досега за можна биолошка активност надвор од нашиот Сончев систем. Сепак, остануваме крајно претпазливи – мора детално да ги провериме и автентичноста на сигналите и нивното значење – изјави проф. Нику Мадусудан од Универзитетот во Кембриџ.
Претходни набљудувања на „K2-18 b“ открија присуство на водена пареа, а понови анализи потврдија и метан во нејзината атмосфера – уште еден индикатор што потенцијално укажува на биолошки процеси.
Сепак, дел од научната заедница останува воздржана, предупредувајќи дека присуството на овие соединенија би можело да се објасни и со други – небиолошки – хемиски или геолошки процеси.
Иако резултатите имаат мала статистичка веројатност за грешка од само 0,3 проценти, тие сè уште не го исполнуваат стандардот за потврдени научни откритија во областа на физиката. Но, ако се потврди дека овие молекули потекнуваат од живот, тоа би бил навистина историски момент за науката и човештвото.