„Кумб Мела“ во Прајаграј – духовен настан кој ги надмина границите на Индија
Традиционалниот фестивал Кумб Мела и оваа година се одржа со несекојдневна масовност во индискиот град Прајаграј, во северната сојузна држава Утар Прадеш. Во периодот од 13 јануари до 26 февруари, устието на светите реки Ганг, Јамуна и Сарасвати го посетија неверојатни 660 милиони луѓе – верници, аџии и туристи – што оваа манифестација ја направи „најголемото собирање во историјата на човештвото“.
Светски фестивал на духовноста
Кумб Мела се организира на секои 12 години и претставува еден од најголемите духовни собири во светот, со учесници од сите делови на Индија и светот.
Централниот и најсветиот ритуал на фестивалот е капењето во реките, за кое се верува дека носи духовно прочистување и ослободување на душата од циклусот на прераѓање.
Покрај ритуалното капење, фестивалот вклучува духовни дискусии, молитви, културни програми, традиционални вашари и едукативни работилници, пренесува CNN.
Оваа година, фестивалот доби силен меѓународен карактер. Посетители пристигнаа од Австралија, Канада, САД, Бразил, Финска, Израел и многу други земји. Присуството на 118 дипломати од 77 земји дополнително го потврди глобалното значење на овој настан.
Организација од невиден обем
– Ова е искуство кое се доживува еднаш во животот. Ги видов речиси сите регистарски таблички од секоја индиска држава – изјави Сушован Сиркар од Њу Делхи, еден од посетителите на фестивалот.
Локалните власти посочија дека зад успешната реализација стои организациски подвиг од огромни размери. За безбедноста се грижеа 40.000 полицајци, додека за одржување на хигиената беа ангажирани околу 15.000 санитарни работници, објави BBC.
– Светот повторно ја виде моќта на традицијата што ги надминува времето, границите и нациите – порачаа организаторите, потенцирајќи дека Кумб Мела останува симбол на духовното единство и културното богатство на Индија.