Болтон: Трамп сака да донесе мир во Украина за да ја добие Нобеловата награда за мир
Поранешниот советник за национална безбедност на САД, Џон Болтон, во коментар за британскиот весник The Sun изјави дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп има лична мотивација да посредува во мировниот процес во Украина – желбата да ја добие Нобеловата награда за мир.
Според Болтон, Трамп со години наназад е фрустриран од фактот дека неговиот претходник, Барак Обама, ја доби оваа престижна награда во 2009 година, и тоа, како што вели, без реална основа.
– Од секогаш го нервираше тоа што Обама ја доби наградата. И со право – бидејќи Обама не ја заслужи. Но Трамп размислува вака: „Ако Обама доби, зошто да не добијам и јас?“ – вели Болтон. – Затоа сака да ги искористи мировните преговори за Украина како основа за номинација.
Обама ја доби Нобеловата награда во првата година од својот мандат, „за неговите напори во зајакнување на меѓународната дипломатија и соработката меѓу народите“. Претходно, истата награда од американските претседатели ја добиле Теодор Рузвелт, Вудро Вилсон и Џими Картер.
Сѐ поголема поддршка за номинацијата на Трамп
Трамп и претходно, во февруари годинава, изјави дека ја заслужува Нобеловата награда за мир. Неговата потенцијална номинација добива поддршка од различни делови на светот.
Според пишувањето на јужнокорејскиот весник Чунганг Чосон, заменик-претседателот на парламентарниот Комитет за разузнавање на Република Кореја, Пак Сон Вон, официјално го предложил Трамп за добитник на наградата.
Дополнително, претседателот на Источен Тимор, Жозе Рамош-Орта, изјави дека би бил подготвен да го номинира Трамп доколку успее да придонесе за мирно решавање на конфликтот во Украина, како и за конфликтот во Појасот Газа.
Поддршка за неговата номинација даде и претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, кој изјави дека Трамп би можел да биде номиниран ако навистина стане „миротворец“. Сепак, Лукашенко иронично додаде дека денес „Нобеловата награда веќе не значи ништо“.