Децата низ игра и учење треба да растат и да го спознаваат светот, но, за жал, дел од малолетниците во Македонија стануваат сè понасилни, а некои навлегуваат дури и во криминално-агресивни активности.
Еден од најфрапантните случаи е од пред неколку дена, кога полицијата уапси 16-годишник од Охрид под сомнение дека силувал 12-годишно девојче, додека друг малолетник го снимал насилниот чин. Сценариото дополнително се влошило кога 14-годишник го користел видео материјалот за да го уценува жртвото.
Ова отвора сериозни прашања: каде грешат родителите и каде општеството и институциите што треба да го заштитат детето? Проблемот е сè почест и сè поголем, а бројот на невини жртви кои страдаат од невоспитани насилни деца расте.
На 23 ноември, полицискиот билтен информираше дека мајка пријавила малолетник кој извршил обљуба врз нејзината малолетна ќерка. Ден претходно, во Драчево, основец бил претепан од свој соученик. Слични случаи се сè почести и не се ограничуваат само на физичко насилство.
Сè додека не се преземат конкретни и ефикасни мерки од родителите и институциите, овие случувања ќе продолжат. Потребни се системски решенија, рана превенција и активно следење на малолетниците кои покажуваат агресивно однесување, за да се заштитат идните генерации и да се спречи порастот на криминалното однесување меѓу младите.
















