Вистинско филмско сценарио се одвивало во Струга, откако две вработени во спортска обложувалница пријавиле лажно разбојништво со цел да ги прикријат парите од дневниот промет.
ОВР Струга поднесе кривична пријава против Л.Д. (43) и Д.М. (48) од Струга, поради основано сомнение за сторени кривични дела „лажно пријавување кривично дело“ и „затајување“.
Според информациите од полицијата, двете жени, кои биле вработени во иста спортска обложувалница, по претходен меѓусебен договор, на 30 декември 2025 година пријавиле дека биле жртви на разбојништво. Тие тврделе дека во објектот влегло машко лице кое, наводно заканувајќи се со пиштол, им ги одзело парите од дневниот промет и избегало.
По спроведената истрага и проверка на наводите, полицијата утврдила дека пријавениот настан не се случил и дека станува збор за целосно измислена приказна со цел да се сокрие недостигот на пари.
По целосното документирање на случајот, против двете вработени е поднесена соодветна кривична пријава.
















