Маж од Скопско останал без речиси 28.700 евра откако бил измамен од лице кое лажно се претставило како службеник во државна институција и му ветило дека може да му помогне да врати претходно запленет златен накит.
Случајот бил пријавен во Секторот за внатрешни работи – Скопје, каде што оштетениот навел дека измамата се случувала во периодот од 12 ноември 2024 до 12 јануари 2025 година.
Според пријавата, мажот го запознал осомничениот во занаетчиски дуќан во Скопје. Лицето му се претставило како вработен во државна институција и му кажало дека преку свои контакти може да му помогне да го добие назад златниот накит кој претходно му бил одземен.
За наводната услуга, измамникот побарал финансиски надомест, по што оштетениот му предал околу 28.700 евра, верувајќи дека навистина ќе му биде помогнато.
Меѓутоа, откако поминало одредено време, мажот сфатил дека ветувањето нема да биде исполнето и дека бил измамен.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности околу измамата.
Надлежните повторно предупредуваат граѓаните да бидат внимателни кога непознати лица им нудат „услуги“ преку наводни врски во институции и бараат пари за завршување на одредени постапки.




