Крајот на продолжениот викенд и масовното враќање на македонските граѓани од Грција пред почетокот на новата учебна година предизвикаа големи колони на граничните премини.
Најголем метеж има на преминот Евзони–Богородица, во правец од Грција кон Македонија. Според сведоштва на патници од терен, колоната се протега со километри, а во одредени периоди за преминување на границата се чекало повеќе од два и пол часа.
Некои од патниците велат дека застојот започнува уште во близина на последната патарина пред Евзони.
„Ја поминавме патарината пред границата и застанавме. Редицата кон Евзони е огромна и не знаеме колку време ќе чекаме“, раскажуваат граѓани кои се враќаат од Грција.
Голема фреквенција има и на граничниот премин Дојран. И таму во правец кон Македонија се формираат долги колони, а според информации од патници, во одредени периоди задржувањето надминувало два часа.
Во спротивната насока, од Македонија кон Грција, сообраќајот се одвива значително побрзо.
Зголемен број возила има и на патиштата низ земјава. Поголема фреквенција се забележува кај наплатните станици, како и на патниот правец Охрид–Скопје, особено на приодот кон Гостивар.
Од АМСМ информираат дека интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен.
Главната причина за денешниот бран возила е враќањето на голем број граѓани од летните одмори и продолжениот викенд, непосредно пред почетокот на новата учебна година.










