Почетокот на примената на системот „Сејф сити“, најавен за 1 февруари, сè уште е неизвесен поради недостиг од потребното парламентарно мнозинство за усвојување на измените на Законот за прекршоците. Иако од Министерство за внатрешни работи уверуваат дека технички сè е подготвено, законската рамка останува клучната пречка.
Во Собрание на Македонија сè уште не е обезбедено двотретинско и бадентерово мнозинство, кое е неопходно за донесување на измените. Опозициската ДУИ, предводена од Али Ахмети, засега не ја дава својата поддршка, што практично го блокира процесот.
Претседателот на парламентот, Африм Гаши, изјави дека меѓу пратеничките групи нема суштински несогласувања околу содржината на законот, туку дека проблемот е исклучиво политички. Според него, штом се постигне договор, измените може веднаш да се најдат на пленарна седница.
Предвидените законски измени носат значајни новини: сообраќајните прекршоци регистрирани преку камерите на „Сејф сити“ би се доставувале електронски – преку СМС или е-пошта, со линк за увид во доказите и платниот налог. Доколку сопственикот на возилото не реагира, по истекот на утврдени рокови доставата ќе се смета за извршена.
Законот најавува и построги казни, вклучително и трајно одземање на возило и возачка дозвола за возење под дејство на алкохол или дрога. Сепак, без политички договор, стартот на „Сејф сити“ останува под голем знак прашалник.









