ПРВ.мк
Македонија

ЌЕ СЕ ПУШИ ЛИ ВО КАФУЛИЊАТА ОВАА ЗИМА? Новиот закон доцни, еве што предвидуваат правилата!

ЌЕ СЕ ПУШИ ЛИ ВО КАФУЛИЊАТА ОВАА ЗИМА? Новиот закон доцни, еве што предвидуваат правилата!

Со доаѓањето на постудените денови и затворањето на летните тераси, повторно се отвора прашањето за пушењето во угостителските објекти во Македонија. Иако беа најавени построги правила, новиот закон за заштита од тутун сè уште не е стапен во сила.

Предлог-законот, кој го подготви Министерството за здравство, со месеци се наоѓа во собраниска процедура, иако првично беше најавено дека ќе започне да се применува од 1 март.

Во меѓувреме, граѓаните остануваат поделени. Дел од пушачите се против ограничувањата во кафулињата, додека непушачите бараат поголема заштита од изложеноста на чад во затворени простории.

Предлог-законот стигнал до второ читање во собраниската Комисија за здравство, а во меѓувреме претрпел неколку значајни измени.

Наместо првично најавената целосна забрана за пушење во угостителските објекти, новото решение предвидува можност за пушење на посебно уредени тераси.

Според предложените правила, овие тераси ќе мора да бидат отворени од најмалку две страни, да имаат отворен покрив, а за непушачите да биде обезбеден посебен влез. За приспособување на терасите се предвидува рок од една година.

Целосна забрана за пушење се предвидува во затворени простории, на автобуски и железнички станици, како и во возила во кои се превезува дете.

Дополнително, пред одредени институции пушењето ќе биде дозволено само на растојание од најмалку 20 метри.

Предлог-законот не предвидува забрана за производство, увоз, извоз или продажба на тутунски производи и електронски уреди, туку ја регулира нивната употреба.

Додека се чека завршувањето на собраниската процедура, останува неизвесно кога новите ограничувања ќе почнат да се применуваат и како ќе влијаат врз секојдневието на пушачите, непушачите и угостителите.