ПРВ.мк
Македонија

Ќе се формира нова политичка партија во Македонија!

Ќе се формира нова политичка партија во Македонија!

Трифун Костовски најави враќање во политиката и откри дека работи на формирање нова политичка партија, испраќајќи јавен повик до граѓаните да се приклучат на неговата иницијатива.

Преку објава на социјалните мрежи, Костовски порача дека идната партија ќе биде отворена за сите полнолетни граѓани, без ограничувања во однос на возраста, нагласувајќи дека сака да обедини луѓе со различни искуства и ставови.

„Партијата ќе биде составена од членови на возраст од полнолетство со неограничен век на старост. Ги повикувам сите искусни и неискусни мои сограѓани кои имаат желба Македонија да опстои како држава во која ќе создадеме иднина за нашите поколенија, да размислат и да се приклучат кон ваквата моја визија“, напиша Костовски.

Тој потенцира дека неговата намера не е лична политичка корист, туку, како што вели, потреба од пошироко општествено будење и ставање на државните интереси пред партиските.

„Не барам власт за себе, туку можност за освестување на државно ниво, Македонија да биде пред секоја партија! Ова никако не е повик за поделба, туку повик за обединување на сите што ја сакаат Македонија без услови и лична корист“, истакна Костовски.

Во своите пораки тој повторно нагласува дека правдата и правниот систем мора да добијат приоритет, предупредувајќи дека без правда исчезнува и надежта кај граѓаните.

Костовски најави дека повеќе детали за причините за неговото политичко враќање и визијата за новото движење ќе сподели во својата колумна со наслов „Македонија на крстопат – време е да ја вратиме државата“.

Инаку, Трифун Костовски во минатото беше пратеник од редовите на СДСМ, а подоцна ја извршуваше и функцијата градоначалник на Скопје во периодот од 2005 до 2009 година.