Со традиционалната гроздоберска трпеза во центарот на Кавадарци официјално започна годинашното издание на една од најпрепознатливите манифестации во регионот – „Тиквешки гроздобер 2026“.

Градот влезе во тридневна празнична атмосфера посветена на грозјето, виното, традицијата и кавадаречкото гостопримство. На традиционалната трпеза беа претставени автентични производи и специјалитети од Тиквешијата – грозје, вино, ракија, маџун и бројни локални гастрономски производи.

Претседателот на Советот на Општина Кавадарци, д-р Стојанчо Рамов, истакна дека локалната самоуправа, градоначалникот Митко Јанчев и Советот ги завршиле подготовките за манифестацијата, со цел Кавадарци и годинава да биде одличен домаќин на големиот број домашни и странски посетители.

Целта е гостите од градот да понесат позитивни впечатоци и одблизу да ја почувствуваат традицијата, културата и винската приказна по која Кавадарци и Тиквешијата се препознатливи.

Во следните денови посетителите ги очекува богата програма на повеќе локации низ градот. Еден од централните настани ќе биде големото дефиле со карневалски и други групи од земјава и странство, додека во недела ќе се одржи традиционалниот детски карневал. Предвидена е и разновидна музичка програма за повеќе генерации.

„Тиквешки гроздобер“ има традиција подолга од шест децении, а неговите почетоци датираат од 1964 година. Денес манифестацијата останува еден од најзначајните симболи на Кавадарци и можност пред илјадници посетители да бидат претставени богатата традиција, грозјето, виното и гостопримството на Тиквешијата.

Кавадарци е подготвен за уште еден „Тиквешки гроздобер“ – три дена исполнети со традиција, музика, дружење и прослава на она по што овој крај е препознатлив.








