Ноќеска околу 02:53 часот на улицата „Гоце Делчев“ во Свети Николе, полициски службеници од ОВР Свети Николе го лишија од слобода 31-годишниот М.П. од Пробиштип.
Претходно, тој управувал со возило „Фолксваген Пасат“ и удрил во паркирано возило, по што се заканувал на сопственичката, 21-годишната М.С. од Свети Николе. При преземање мерки, полициските службеници констатирале дека М.П. бил под дејство на алкохол со 1,73 промили во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
Дополнително, вчера во 10:13 часот на магистралниот пат Ресен-Охрид, кај превој Буково, полициски службеници од ОВР Ресен го лишија од слобода 24-годишниот М.Л. од село Белчишта, општина Дебарца. При контрола со радар било утврдено дека управувал „Фолксваген“ со брзина од 174 километри на час на место каде максимално дозволената брзина е 70 километри на час.
По целосно документирање на настаните, против двајцата ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“.

















