Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека по големиот пожар во магацин за отпад во село Трубарево, не е утврдена радиоактивност во земените примероци од вода и почва, ниту пак се регистрирани опасни нивоа на тешки метали.
Од ИЈЗ информираат дека е забележано зголемување на бакар (Cu) и цинк (Zn) само на едно место – површинскиот слој каде што гореле литиумски батерии. Сепак, тоа е во рамки на очекуваните вредности.
„По пожарот, експертски тим од ИЈЗ зема примероци од вода, почва и воздух, вршејќи испитувања за радиоактивност и присуство на тешки метали. Резултатите покажуваат дека нема радиоактивност, а нивоата на тешки метали се во границите на дозволеното“, велат од Институтот.
Анализите опфатија 16 тешки метали, вклучувајќи олово, кадмиум, арсен, никел, жива, хром, бакар, цинк и други. Во сите локации, освен на местото со литиумските батерии, не се забележани отстапувања од референтните вредности.
ИЈЗ најави дека ќе продолжи со редовни контроли и ќе ја информира јавноста за сите понатамошни активности, во координација со Министерството за здравство и други надлежни институции.