Уште едно значајно меѓународно признание за стручноста и посветеноста што се негуваат во Болница Плодност.
Спец. д-р Христијан Трпчевски викендов учествуваше како поканет предавач на Меѓународниот конгрес за минимално инвазивна хирургија во гинекологијата, кој од 8 до 10 октомври се одржа во хотелот „Хилтон“ во Белград.

Конгресот, во организација на Српското здружение за гинеколошка ендоскопија – UGES, обедини врвни меѓународни експерти и истакнати имиња од областа на лапароскопската хирургија, меѓу кои проф. Пашиќ од САД, проф. Алагиќ од Норвешка, проф. Малзони од Италија и проф. Ватие од Франција.

Пред реномирана меѓународна стручна публика, д-р Христијан Трпчевски одржа предавање на тема „Лапароскопски третман на нарушувањата на карличното дно“, при што ги претстави современите минимално инвазивни хируршки техники, како и сопствените искуства и резултати од нивната примена во секојдневната клиничка практика.
Неговото учество како поканет предавач претставува силна потврда за стручната работа и континуираната посветеност во областа на минимално инвазивната гинеколошка хирургија, но и можност искуствата од клиничката практика да бидат претставени и разменети со водечки експерти од повеќе земји.

Посебна благодарност беше упатена до професорката Божановиќ, која ја препозна стручноста и посветеноста на д-р Христијан Трпчевски и му упати покана да биде дел од овој значаен меѓународен конгрес како предавач, како и да учествува на идните изданија на конгресот.
За Болница Плодност, ваквите настапи се уште една потврда дека знаењето, искуството и континуираната професионална надградба имаат место и на големата меѓународна медицинска сцена.







