Фондот за здравствено осигурување воведе нови мерки со кои значително се намалуваат цените на Ликвид ПАП-тестот и ХПВ генотипизацијата, со цел повеќе жени да добијат пристап до навремени превентивни прегледи и рано откривање на рак на грлото на матката.
Цената на Ликвид ПАП-тестот е намалена од 2.200 на 1.250 денари, а партиципацијата за осигуреничките од 250 на 150 денари. Кај ХПВ генотипизацијата цената е намалена од 5.500 на 3.310 денари, додека партиципацијата е намалена од 550 на 350 денари.
Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, посочи дека целта е тестовите да станат подостапни и да се зголеми опфатот на жените во националните програми за скрининг.
Ликвид ПАП-тестот претставува современа метода која овозможува попрецизни резултати во споредба со класичниот ПАП-тест. Тој се користи за редовен скрининг, следење на претходно абнормални наоди и во комбинација со ХПВ тестирање, особено кај жени постари од 30 години.
Според податоците, во 2025 година биле извршени 70.926 ПАП-тестови, додека бројот на ХПВ тестирања бележи значителен раст – од 6.487 во 2023 година на 13.466 во 2025 година.
Од ФЗО очекуваат со новите цени значително да се зголеми бројот на превентивни прегледи, а матичните гинеколози да ги упатуваат жените кои не направиле ПАП-тест во последните три години.
ХПВ тестот, кој има точност од околу 95 проценти и може да се прави на секои пет години, сè повеќе се смета за еден од најважните алатки во современиот скрининг за превенција на ракот на грлото на матката.








