ПРВ.мк
Македонија

ГОЛЕМА АКЦИЈА НА ЦАРИНАТА: Спречен шверц на 3.000 игли за тетовирање!

ГОЛЕМА АКЦИЈА НА ЦАРИНАТА: Спречен шверц на 3.000 игли за тетовирање!

На граничниот премин Блато царинските службеници спречиле обид за нелегално внесување на поголема количина опрема за тетовирање, соопшти Царинската управа.

При контролата на товарно моторно возило, царинските службеници откриле повеќе од 3.000 парчиња игли за тетовирање, за кои возачот се обидел да ги внесе во земјава без потребната документација и дозволи.

Покрај иглите, во возилото била пронајдена и дополнителна опрема поврзана со тетовирање. Царинските службеници откриле 60 пакувања мастило, со вкупна количина од 7,2 литри, како и 150 парчиња маст и различни помошни алатки наменети за тетовирање.

Стоката била откриена при детална царинска контрола на возилото на влез во државата. По откривањето, опремата била запленета, а случајот ќе продолжи да се процесуира согласно законските процедури.

Од Царинската управа посочуваат дека дел од опремата за тетовирање, меѓу која и иглите, подлежи на посебен режим и за нејзин увоз е потребно поседување соодветна дозвола.

Надлежните предупредуваат дека нелегалното внесување и трговија со ваква стока може да претставува ризик за здравјето на граѓаните, особено доколку производите не ги исполнуваат потребните стандарди и не поминале низ соодветните контроли.

Од Царината апелираат до сите учесници во патничкиот и товарниот сообраќај да ги почитуваат законските прописи при внесување стока во државата.

Од институцијата додаваат дека контролите ќе продолжат и дека секој обид за незаконско внесување стока што може да ја загрози безбедноста и здравјето на граѓаните ќе биде соодветно санкциониран.