Воени сили од САД и Грција пристигнаа на Криволак за вежбата „Immediate Response 25“
Тенкови, хеликоптери и припадници на армиите на САД и Грција вчера пристигнаа на армискиот полигон Криволак, каде што ќе се одржи големата мултинационална вежба „Immediate Response 25“.
Оваа стратешка вежба, што ќе трае од 26 мај до 9 јуни, е организирана од Европската команда на САД и Командата на копнените сили на САД за Европа и Африка, во соработка со Армијата на Република Северна Македонија.
„Immediate Response 25“ претставува дел од најголемата НАТО вежба оваа година на европско тло – „Defender Europe 25“, предводена од Армијата на САД. Во вежбата учествуваат вооружени сили од земјите-членки на НАТО: Црна Гора, Албанија, Италија, Грција, Обединетото Кралство, како и единици од Австрија и Косово во рамки на заедничката програма за обука на USEUCOM-AF.
На територијата на Северна Македонија ова ќе биде најголемата воена вежба реализирана досега, со вклучени повеќе од 2.230 воени лица од седум земји-членки на НАТО и две партнерски држави.
Сценариото на „Immediate Response 25“ вклучува демонстрација на оперативни и одбранбени способности, со акцент на унапредување на сајбер-одбраната, изведување на мултинационални боеви гаѓања, тактички премин преку река, вежби за хемиска, биолошка, радиолошка и нуклеарна (АБХО) заштита, како и компјутерски симулации за управување со кризи.