Од болницата „Папаниколау“ отпуштена последната пациентка повредена во пожарот во Кочани
Последната пациентка хоспитализирана по трагичниот пожар во Кочани е отпуштена вчера од солунската болница „Папаниколау“, со што заврши третманот на тројцата млади повредени што беа примени на 16 март со тешки изгореници.
Првата пациентка ја напушти болницата во април, вториот пред две недели, а третата вчера, на 26 мај. Според соопштението од болницата, лекувањето било предизвикувачко, но успешно, благодарение на високата стручност и посветеноста на медицинскиот тим. Отпустот на последната пациентка поминал во емотивна атмосфера.
Во моментов, двајца повредени од истиот настан сè уште се лекуваат во болница во Атина, но се во стабилна состојба и се очекува наскоро и тие да се вратат дома.