Грчката ракометна федерација испрати долго и бурно соопштение до Европската ракометна федерација (ЕХФ), во кое жестоко ја нападна македонската екипа РК Алкалоид поради неодиграниот втор натпревар од финалето на Европскиот куп против АЕК Атина. Во писмото, кое е преполно со шпекулации и тврдења за наводни безбедносни проблеми и дискриминација, Грците го доведуваат во прашање целиот процес на организација и одржување на финалето во Скопје.
Соопштението на Грчката ракометна федерација гласи:
„Ви го испраќаме ова писмо во врска со второто финале од Европскиот куп на ЕХФ помеѓу екипите Алкалоид-АЕК, кое беше закажано за недела, 25.05.2014 година, на стадионот „Борис Трајковски“ во Македонија.
Знаете дека Грчката федерација немаше никаква организациска или друга улога во спроведувањето на овие две финалиња, но од нашето присуство во двата натпревари, ги видовме проблемите што се појавија, нивното справување и сме должни за доброто на ракометот да заземеме став.
Ве потсетуваме дека во нашата земја се организирани 6 финалиња на Европскиот куп на ЕХФ без никакви организациски, натпреварувачки или други проблеми. Во исто време, десетици слични европски финалиња во сите спортови се одржаа во Грција без никакви организациски или други безбедносни проблеми. На сите горенаведени настани, прописите на соодветните европски или меѓународни федерации беа целосно имплементирани, освен за финалето на АЕК во периодот 2020-2021 каде, поради Ковид, беа следени здравствените протоколи на Европската федерација.
За овие специфични финалиња, големото прашање е зошто, пред почетокот на натпреварите, не беа утврдени условите за нивно одржување, бидејќи ги знаевме и капацитетот на стадионите и соодветните упатства на Европската федерација во врска со безбедноста и бројот на билети на кои имаше право секој тим. Доколку некој од тимовите се соочил со безбедносни или други проблеми, тоа морало да се дискутира и да се договори пред првиот натпревар од финалето.
АЕК, од своја страна, организираше одличен прв натпревар на стадион со капацитет од 8.500 седишта и не се соочи со никакви проблеми ниту со безбедноста, ниту со гостопримството на тимот на Алкалоид и неговите навивачи.
Во четврток, на 22 мај, добивме ажурирање од вас за безбедносните проблеми што се случија во Северна Македонија, и со право се поставуваат следниве едноставни прашања:
– Зошто министер одговорен за безбедноста на една земја открива безбедносен проблем по првиот натпревар, а само неколку дена пред вториот?
– Зошто властите на една држава не можат да обезбедат присуство на 650 навивачи на стадион со 7.000 седишта и нивен пристап од границите на земјата до стадионот?
– Зошто АЕК беше притиснат, пред неколку дена, да го игра второто финале во овие услови?
– Зошто, на состаноците одржани меѓу претставниците на двата тима, безбедносните органи на Северна Македонија и Европската федерација, а бидејќи имаше толку вонреден голем безбедносен проблем (за кој не бевме свесни однапред), не беше предложено, од причини за рамноправност, финалето да се одржи со соодветно намалување на бројот на навивачи за двата тима (т.е. 200 билети за АЕК – 2000 билети за Алкалоид)?
Ве потсетуваме дека ова е втор пат АЕК да има ваков третман на гостување (претходниот беше против Партизан), додека пак натпреварите во Грција се играат на најбезбеден начин.
И конечно, нека властите на Северна Македонија нè информираат кои се овие вонредни безбедносни причини, неколку дена пред натпреварот, што предизвикуваат забрана за грчки навивачи во земјата.
Господине претседателе,
ние сме длабоко заинтересирани за одбраната и заштитата на нашиот спорт, како во нашата земја, така и во Европа. Наша желба е големите клубови кои им се допаѓаат на илјадници навивачи, како што е АЕК, да учествуваат и во грчкото првенство и во европските првенства, во присуство на своите навивачи, како што е предвидено со прописите и дома и на гости, без оглед на односите меѓу земјите од кои доаѓаат.
Ова е голем успех за спортот воопшто.
Господине претседателе,
мора да им покажеме на сите тимови во Европа, на сите оние кои работат напорно за спортот (спортисти, службени лица, судии итн.) дека постои волја од сите земји и засегнати страни за организирање натпревари со рамноправност.
АЕК во овој случај целосно ги спроведе прописите во првиот натпревар, без никакви проблеми, и требаше да добие ист третман и во вториот натпревар, без оглед на резултатот.
Верувајќи во вашата проценка и во рамките на фер-плејот, чија филозофија се роди во нашата земја и се прошири низ целиот свет, како основен концепт на олимпизмот, очекуваме редефинирање на натпреварот, со присуство на навивачи на двата тима, како што произлегува од прописите на ЕХФ, кои беа прекршени во вториот натпревар, без доволно оправдување.“
Претседателот на Грчката ракометна федерација
Константинос Гандис
Генералниот секретар
Константинос Стаматијадис
Одлуката на Европската ракометна федерација се очекува наскоро, а сите очи се вперени кон фер и праведно решение во корист на РК Алкалоид, како домаќин кој покажа максимална организираност и посветеност кон спортот.