Основниот суд во Велес ја осуди на четири години затвор 22-годишната С.К., која лани на 12 јули го остави своето шестмесечно бебе само на клупа во центарот на градот, на температура од над 40 степени Целзиусови.
Таа е прогласена за виновна за „запуштање и малтретирање на дете“, а пресудата е правосилна.Според обвинението, младата мајка го оставила бебето необлечено, неухрането и дехидрирано. Случаен минувач го забележал и веднаш го однел во болница, каде што лекарите утврдиле дека детето било во тешка здравствена состојба – со температура, сува кожа и очи, и тежело само 4,6 килограми.
Следниот ден мајката се појавила во болницата, а потоа исчезнала. По еден месец била пронајдена и уапсена. ДНК анализата потврдила дека таа е биолошката мајка на бебето.
Од Центарот за социјални работи Велес информираа дека детето е згрижено во Битола, но не открија дали добило име и извод од матична книга на родени.
Судот во Велес донесе и уште една правосилна пресуда за сличен случај – мајка од Битола доби две години затвор затоа што го оставила своето тримесечно бебе само дома, кое било најдено во лоша состојба од свекрвата.















