Управата за јавни приходи (УЈП) сè уште не даде конкретен датум кога граѓаните ќе ги добијат средствата од МојДДВ. Велат дека прават напори исплатата да заврши оваа недела, но можно е да се пролонгира и за следната.
Законскиот рок за поврат на ДДВ кај лицата кои скенираат фискални сметки истече пред два дена.
УЈП појаснува дека доцнењето се должи на технички проблем: кај некои корисници сменета е банка или трансакциска сметка, па системски целата пратка се враќала, и парите не се исплаќале кон корисниците со неточни податоци.
Денеска се изготвени налози за поврат кај над 155 илјади корисници, во вкупна вредност од 4,4 милиони евра, но нема прецизен датум кога ќе заврши исплатата.
„Останува симболичен износ кој може да се појави како разлика доколку некој од налозите не биде успешно реализиран поради неточни податоци односно ако корисникот нема точни информации во системот на УЈП“, велат од управата.
Исплатата е во тек, а средства во буџетот има – нема причина за сомнежи или страв дека парите нема да стигнат кај корисниците за скенираните фискални сметки.
За третиот квартал, фискални сметки скенирале над 515 илјади корисници. До денеска, 360 илјади од нив веќе го добиле повратот на ДДВ, додека останатите, поради технички проблеми, сè уште чекаат.
Инаку, во последните 6 години, од воведувањето на проектот, практиката била парите да се исплаќаат до 10-ти, најдоцна до 15-ти по истекот на 60 дена од завршувањето на кварталот.
Максималниот износ кој може да го добие еден корисник изнесува 2.100 денари.















