Денеска во светот се одбележува 9 Мај – Денот на победата над фашизмот, историски датум кој го симболизира крајот на Втората светска војна на европскиот континент и поразот на нацистичка Германија.
На 9 мај 1945 година, во разурнатиот Берлин беше потпишана безусловната капитулација на Третиот Рајх, со што и официјално заврши војната во Европа. Со овој чин се стави крај на еден од најкрвавите конфликти во историјата на човештвото, во кој учествувале 61 држава и околу 96 проценти од светското население.
Во Втората светска војна животот го загубиле повеќе од 50 милиони луѓе, што ја прави една од најсмртоносните војни во историјата.
Историските записи покажуваат дека германската капитулација ја потпишале Вилхелм Кајтел, Ханс Јирген Штумпф и Ханс Георг фон Фридебург, додека документот од страна на сојузниците го потпишале маршалот Георги Жуков и британскиот генерал Артур Тедер.
Најголеми човечки загуби претрпел тогашниот Советски Сојуз, со околу 20 милиони жртви, додека вкупниот број на цивилни жртви во војната надминал 30 милиони луѓе.
Посебно трагичен дел од историјата претставуваат нацистичките концентрациони логори, каде биле убиени околу 12,5 милиони луѓе, меѓу кои и шест милиони Евреи во Холокаустот.
Војната не завршила целосно во Европа – на Далечниот Исток борбите продолжиле уште неколку месеци, сè до 2 септември 1945 година, кога Јапонија капитулирала по атомските бомбардирања на Хирошима и Нагасаки.
За време на Втората светска војна, Македонија била дел од антифашистичката коалиција, а според историчарите, во борбите загинале околу 33.000 луѓе. Меѓу жртвите биле и повеќе од 7.000 македонски Евреи кои биле депортирани во логорот Треблинка.
По повод Денот на победата над фашизмот, во Скопје се организираат повеќе комеморативни активности, вклучително и положување цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“ и на партизанските гробишта во Бутел.










