Македонската фудбалска репрезентација денеска требаше да се врати од Турција во Македонија, но враќањето е одложено откако авионот со кој патувале бил принуден да се врати назад во Истанбул поради технички проблем.
Чартер-летот полетал според предвидениот распоред од Истанбул, а слетувањето на скопскиот аеродром било очекувано околу 13:40 часот. Сепак, по околу 20 минути минати во воздух, пилотот ги известил патниците дека поради технички причини авионот мора да се врати, по што леталото повторно слетало во Истанбул.
Во моментов не се познати деталите за дефектот, ниту колку е сериозна состојбата и кога експедицијата ќе може да го продолжи патувањето кон Македонија. Она што засега е познато е дека членовите на репрезентацијата и останатите патници се уште се на аеродромот во Истанбул.
Покрај фудбалерите и стручниот штаб, во авионот се наоѓале и претставници на Фудбалската федерација на Македонија, како и медиумски екипи кои патувале со националниот тим.







