Во координирана акција меѓу српското Министерство за внатрешни работи и македонската полиција, во Скопје е уапсен српскиот државјанин С. М. (42), кој се сомничи дека подготвувал извршување на тешки кривични дела на територијата на Македонија.
Според информациите објавени од српското МВР, при претрес на станот и просториите што ги користел осомничениот, полицијата пронашла повеќе предмети кои дополнително ги засилиле сомнежите на истражителите. Меѓу запленетите работи имало лична карта издадена на друго лице од Србија, црна тактичка униформа, воен нож, мала количина марихуана, пиштол CZ и муниција.
Истрагата покажала дека С. М. претходно нелегално влегол во Северна Македонија, а според првичните информации, постои сомнеж дека во земјата престојувал со намера да реализира сериозни кривични дела.
Според наводите на српските власти, осомничениот дејствувал во име на членови на криминална група со која бил поврзан, а најголемите сомнежи се дека се подготвувало кривично дело – убиство.
Засега не се откриваат дополнителни детали за потенцијалната мета, ниту за тоа колку долго траела полициската истрага, но случајот веќе предизвика големо внимание во регионот поради сериозноста на сомнежите и пронајденото оружје.







