Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, во гостувањето на телевизија Сител во емисијата „Тема на денот“ ја анализираше политичката стратегија на ДУИ, нарекувајќи ја „стара музика“ што се обидува да биде актуелна во нов политички контекст.
„ДУИ сака да зборува за грамадни теми – за правата на Албанците, за историското значење на Албанците, за големи идеи. Тоа е легитимно, и ние Македонците понекогаш го правиме тоа. Но, проблемот е што таа ‘материја’ нема кредибилитет од тие што ја претставуваат. Се однесуваат како музичари што порано свиреле каква било песна ако некој им залепел пари на чело“, изјави Димовски, користејќи метафора за да ја прикаже недоследноста на пораките што ги испраќа партијата.
Тој истакна дека ДУИ се обидува да отвори теми поврзани со меѓуетнички тензии, бидејќи тоа е единствената платформа на која се чувствуваат релевантни. Дополнително, Димовски забележа и тенденција на игнорирање на политичката коалиција ВЛЕН, иако, според него, сите анкети покажуваат дека тие се во „изедначена трка“ со ДУИ.
„ДУИ сака да зборува само со ВМРО или со претседателката Сиљановска. Со тоа сакаат да ја задржат старата слика – тие против ‘лошите’ Македонци, бранејќи ги ‘добрите’ Албанци. Но тоа е застарен наратив“, рече Димовски.
Според него, доколку ДУИ сака да остане релевантна, ќе мора да влезе во нов политички концепт – со нова парадигма, нови политики, а можеби и нови луѓе.
„Со стари решенија, тешко дека ќе бидат конкурентни на следните локални избори“, заклучи Димовски.