„Влен“ ја официјализираше пратеничката група со девет пратеници, а десеттиот, како што најави на денешната прес-конференција (20 мај) координаторот Беким Ќоку, се очекува да им се приклучи по оставката на пратеникот Салим Сулејмани, кој викендов се повлече од пратеничката функција.
„Тука сме официјално да ве известам дека до денеска пратеничката група на Влен брои девет члена, додека во наредните денови верувам ќе ни се придружи десеттиот член, потоа единаесеттиот, а зошто да не и 14 и практично со тоа со десет членови ние сме најголемата албанска албанска пратеничка група во Собранието на Република Северна Македонија. Пратениците кои учествуваат во оваа група се Африм Гаши, координаторот на пратеничката група Беким Ќоку, Аднан Азири, Мерита Колчи Коџаџику, Имрлије Салиу Фетаи, Саранда Имери Стафаи, Беким Сали, Калтрина Беќири и Фериде Хаџиу“, рече Ќоку.
Тој потенцираше дека го информирале и претседателот на Собранието за членовите на оваа група и побарале реконструкцијата на оваа пратеничката група да се одрази и во соодветните работни тела на Собранието.
Ќоку упати апел до другите пратеници Албанци, особено на колегите кои го добија мандатот под Коалицијата Влен, да се приклучат на оваа група за да го спроведат до крај мандатот на оние граѓани кои им ја дале довербата.
Тој истакна дека се очекува да им се приклучи и десеттиот пратеник во нивната пратеничка група по оставката на пратеникот Салим Сулејмани. Информираше дека водат разговори со сите пратеници, а особено со тие кои беа во пратеничката група Влен, односно пратениците од крилото на Таравари од Алијансата на Албанците.
Откако пратеникот Салим Сулејмани, од крилото на АА на Таравари, си поднесе оставка и се повлече од пратеничката функција, сега Алијанса на Албанците има 5 пратеници во актуелниот парламентарен состав, од вкупно 14 колку што има коалицијата ВРЕДИ.