Три лица го загубија животот, а уште две се водат како исчезнати во силното невреме што денеска го погоди департманот Вар, на југоистокот на Франција, соопштија локалните власти.
Според информациите од француската веб-страница France Bleu, најтешко погодени се подрачјата Лаванду, Борм-ле-Мимоза и Кавалиер. Телевизиската станица BFMTV јавува дека жртвите биле регистрирани во местата Лаванду и Видобан, а информацијата е потврдена од страна на жандармеријата.
Иако невремето траеше релативно кратко, неговата сила беше исклучителна. За департманот Вар е издаден портокалов метео аларм поради екстремните временски услови.
Според податоците на метеоролозите, за само едно утро наврнале количини на дожд кои обично паѓаат во текот на три до четири месеци. Реката Мол се излеа од коритото поради обилните врнежи, при што нејзиното ниво се искачи за повеќе од 11 метри во рок од само два часа.
Во спасувачките операции се ангажирани околу 200 пожарникари, кои работат на евакуација и обезбедување на загрозеното население. Досега, според префектот на департманот, Филип Мае, на безбедно се евакуирани 50 лица.
Властите апелираат на претпазливост и строго следење на препораките додека трае опасноста од нови врнежи.