Арбен Таравари повеќе не е министер за здравство. Собранието формално ја потврди оставката што пред неколку дена ја поднесе лидерот на крилото на Алијансата за Албанците кој реши да ја напушти владината коалиција и на изборите да настапи самостојно или во соработка со ДУИ и Али Ахмети. Сега се очекува премиерот Мицкоски наскоро да реши кој ќе го превземе еден од клучните ресори во Владата. Собранието ги констатираше и оставките на замениците министри во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Фљакрон Беџети и Министерството за одбрана Елфит Исмаили, кои му останаа верни на Таравари.
Но, по се изгледа дека Таравари има проблем да ги земе со себе останатите функционери кои добија функции по преземањето на власта. Вицепремиерот Арбен Фетаи кој реши да остане во Владата тврди дека од педесеттина функционери на Алијансата со Таравари заминале само неколкумина. Според него Алијанса за Албанците се уште е во Владата.
Доказ дека Таравари има проблем да ги земе со себе кадрите, се информациите дека луѓе блиски до него вршеле притисок, па дури и се заканувале на функционерите кои не сакале да заминат. Па, така синовите на заменик директорот на Царинска управа, Гариб Каба, му се заканувале на пратеникот Салим Сулјемани кој поднесе оставка со што ослободи место Влен да добие уште еден пратеник од редовите на Беса. Иницидентот го потврдија и од МВР.
Неофицијлано се шпекулира дека се врши и притисок врз судијата од Гостивар што го води предметот и треба да реши чии се печатите на партијата – дали на Зијадин Села или на Таравари. Без овие печати, крилото на, сега веќе екс-министерот за здравство ќе има проблем како да настапи на локланите избори, односно без нив, тој ќе мора да собира потписи.