Врсничкото насилство во Македонија сè почесто предизвикува реакции во јавноста, особено по случаите во кои малолетници физички напаѓаат, малтретираат и понижуваат свои врсници. Дополнителна загриженост предизвикува тоа што дел од ваквите инциденти се снимаат, а видеата потоа се шират на социјалните мрежи.
Во изминатата година јавноста дозна за повеќе вознемирувачки случаи. Меѓу нив беа инцидентот во Ѓорче Петров, во кој девојчиња принудувале соученичка да лиже измет, случај во кој девојка била удирана со шлаканици и влечена за коса додека други присутни ја поттикнувале агресијата, како и инцидентот во Капиштец, каде што деца предизвикале пожар фрлајќи петарди.
Сега, нови реакции предизвика случајот во скопската населба Влае, каде што, според објавените информации, група од околу 15 малолетници нападнала едно момче, при што му биле скршени забите. Се наведува дека во нападот наводно бил употребен и боксирач.
За случајот се дозна откако мајката на момчето го пријавила инцидентот во полиција. Во изјава за „Скопје1“, таа раскажала дека децата кои го нападнале нејзиниот син биле неколку години постари од него. Според нејзиното сведочење, неколкумина го држеле притиснат до дрво, додека други го удирале со тврд метален предмет.
Мајката открила и дека по инцидентот ѝ се јавила мајка на едно од децата што учествувале во нападот. Наместо да се интересира за состојбата на повреденото момче, таа, според раскажувањето на мајката, ја прашала како не ѝ било срам да го пријави случајот во полиција.
Миа Костова со остра реакција: „Како може син ти да има боксирач, а ти да не знаеш?“
По објавувањето на случајот, реагираше Миа Костова, која остро го осуди насилството и ја доведе во прашање одговорноста на родителите за однесувањето на нивните деца.
„Син ти на таа возраст има боксирач и ти не знаеш? Со фаца да ве појават сите до еден. Чувате деца како да чувате чипичани на апликација, а не деца дома кои бараат нерви, време, пари и посветеност.
15 на 1, каков и да е, во мое време беше кукавички. Денес е мангупски. Господ да нè чува никогаш да не се случи, а ако се случи би им кршела заби со клешта, па после ќе полежам.
И ќе чекам на институции. И пак, не се институциите, вие сте – дома! Вас институција не може да ве воспита. Ни со казна“, напиша Костова.
Во продолжението на својата реакција, таа се осврна и на честото оправдување на несоодветното однесување со зборовите дека децата се мали и дека станува збор за фаза од нивното растење.
„А ова ‘деца се’ ви е често употребено од градинка. Не е дете ако има нагон за агресија.
Дете не може да развие агресија ако не ја гледа или ако нема внимание, па преку агресија на 3 години бара внимание.
Сум поминала низ ова ‘деца се’ имам многу примери кај што ни јавно не сум била експонирана, ама ме памтат до ден денес.
Крв би ви се напила. Искрено, нема институција што ќе ве спаси ама често родителите на децата кои трпат насилство, особено физичко, се плашат од последици од мајката што урла на телефон. А бе...“, наведува Костова во својата објава.
Адвокатката Катерина Котеска бара суштински промени во справувањето со врсничкото насилство
На случајот реагираше и Катерина Котеска, адвокатка која со години работи во областа на семејното право и семејното насилство. Таа смета дека политиките и механизмите за справување со врсничкото насилство треба суштински да се променат, а во својата објава на Фејсбук предложи неколку конкретни мерки.
Прво, Котеска предлага децата од семејства во кои е регистрирано семејно насилство задолжително да се евидентираат како деца во ризик и да добиваат психолошка поддршка.
Таа предлага децата кои се жртви на семејно насилство да бидат отстранети од средината во која се изложени на насилство, додека насилникот задолжително да биде отстранет од домот на период подолг од 30 дена.
Второ, според нејзиниот предлог, во откривањето и утврдувањето на проблематичните состојби треба да бидат вклучени сите надлежни институции, но и поединци. На сите треба да им се овозможи, а истовремено и да бидат охрабрени, да пријавуваат девијантно однесување кај децата.
Доколку таквото однесување биде утврдено, Котеска предлага децата да бидат опфатени со соодветни мерки за заштита и надзор, како и со психотерапија.
Трето, таа бара заострување на казните, но и утврдување нови дела и санкции што би овозможиле соодветно да се реагира при вакви случаи на насилство.
Според нејзиниот предлог, потребно е да се преиспита постојниот систем на санкционирање и да се утврдат дополнителни механизми за справување со ваквите однесувања.
Четврто, Котеска смета дека кога ќе се случи врсничко насилство во училиште, мора да се преземат заштитни мерки на ниво на целото училиште.
Покрај непосредната заштита, таа предлага интензивни активности насочени кон едукација, воспитување и обезбедување психолошка поддршка за децата во средината во која се случил инцидентот.
Петто, таа предлага училиштата да ја засилат контролата и да ги подигнат безбедносните мерки на повисоко ниво. Притоа, правилата и мерките треба јасно да им бидат образложени на децата, за тие да ја разберат нивната цел и важност.
Котеска предлага и организирање активности преку кои децата ќе ја развиваат емпатијата, како и групни дружења и социјализација со помош на забавни и едукативни содржини.
Случајот во Влае повторно го отвори прашањето за одговорноста на родителите, улогата на училиштата и ефикасноста на институциите во спречувањето на врсничкото насилство. Реакциите во јавноста укажуваат на потребата од посериозен пристап кон проблемот, навремено препознавање на ризичното однесување и соодветна заштита на децата кои се изложени на насилство.





