ПРВ.мк
Македонија

Денеска паѓа одлуката за трагедијата што ја потресе Македонија: Обвинителството бара најстрога казна за Стојанче Јовановски!

Денеска паѓа одлуката за трагедијата што ја потресе Македонија: Обвинителството бара најстрога казна за Стојанче Јовановски!

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да биде објавена пресудата за Стојанче Јовановски, обвинет во случајот поврзан со трагедијата од 2 март годинава, кога животот го загубија неговата сопруга Ивана Јовановска и нивната шестгодишна ќерка Катја.

Јовановски се товари за три кривични дела – телесни повреди како продолжено дело во рамки на семејно насилство, загрозување на сигурноста, како и наведување и помагање во самоубиство. Случајот со месеци предизвикува силни реакции во јавноста, а денешната одлука на судот се очекува со големо внимание.

Во завршните зборови, Обвинителството побара максимална казна за обвинетиот, оценувајќи дека низ постапката биле презентирани доволно докази за долгогодишно физичко, психичко и економско насилство врз Ивана Јовановска. Според обвинителката Адела Бојчевиќ, трагедијата не била изолиран настан, туку кулминација на континуирано малтретирање и контрола.

Таа посочи дека исказите на членовите на семејството, психијатриските вештачења, медицинската документација, аудиоснимките и останатите материјални докази создаваат јасна слика за односот што, според обвинението, владеел во семејството во подолг временски период.

Обвинителката истакна и дека, според медицинското вештачење, кај обвинетиот не било утврдено душевно заболување кое би можело да ја намали неговата одговорност. Наместо тоа, како што наведе, биле констатирани особини како потреба за контрола, манипулативност, сомничавост и недостиг на самодоверба.

– Обвинителството бара максимална казна за сите три дела, со цел да се испрати јасна порака дека семејното насилство може да има трагични последици и да одземе човечки животи – посочи Бојчевиќ во завршниот збор.

Одбраната, од друга страна, побара ослободителна пресуда, тврдејќи дека Обвинителството не успеало да ја докаже ниту причинско-последичната врска, ниту директната одговорност на обвинетиот за делата што му се ставаат на товар.

Адвокатот Давор Ангелевски оцени дека доказите биле контрадикторни, а голем дел од сведочењата посредни наместо непосредни. Тој нагласи дека не било утврдено кој и на кој начин ги нанел повредите, како и дека не постојат доволно елементи за делата поврзани со загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство.

– Ниту последицата, ниту каузалитетот се докажани за критичниот ден. Предлагаме судот да донесе ослободителна пресуда за Стојанче Јовановски – истакна Ангелевски.

Самиот обвинет ги негираше сите обвинувања. Тој изјави дека никогаш не би ја поттикнал или охрабрил сопругата на таков чин и тврдеше дека не ги оставил сами доброволно, туку бил принудно изведен од станот. Исто така, ги оспори и наводите за нанесени телесни повреди, тврдејќи дека дел од нив биле предизвикани од друго лице, а сведоците, според него, давале неточни искази со цел да го дискредитираат.

Во име на оштетените, адвокатката Неда Чаловска изјави дека станува збор за низа настани кои биле меѓусебно поврзани и кои постепено довеле до трагичниот исход на 2 март. Таа посочи дека заканите, стравот од губење на домот и можноста да ѝ биде одземено детето создале состојба на постојан притисок и несигурност кај Ивана Јовановска.

Во текот на судскиот процес, кој започна кон крајот на март, пред судот беа презентирани аудиоснимки од полициски пријави, видеоматеријали и друга документација за која Обвинителството тврдеше дека покажува физичко и психичко насилство врз Ивана Јовановска.

Најнови вести