Во времето на жестоки прогони против христијаните, во древниот Рим се родила Анастасија, ќерка на благородни родители, која останала сираче уште на тригодишна возраст. Судбината ја однела во женски манастир близу Рим, каде што под духовното раководство на светата игуманија Софија, израснала во длабока вера, скромност и посветеност кон Бога.
По седумнаесет години монашки живот, нејзината светост и убавина се прочуле насекаде – христијаните ја гледале како пример на чистота и молитва, а незнабожците како необична убавица. Градоначалникот Проб, заслепен од нејзиниот углед и изглед, испратил војници да ја доведат пред него.
Игуманијата Софија два часа ја советувала младата подвижничка да не ја напушта верата, да не се плаши од маки и да остане достојна на својот завет. Анастасија со мирна сила ѝ одговорила:„Готово е срцето мое да пострадам за Христа, готова е душата моја да умре за преслаткиот Исус.“
Изведена пред кнезот, Анастасија јавно го исповедала името на Господ Исус Христос, одбивајќи ги сите понуди и закани. Дури и кога ѝ се заканувале со најтешки маки, таа со непоколеблив дух изјавила:„Подготвена сум да умрам за Господа не еднаш, туку ако е можно и сто пати.“
Разгневени, ѝ се нафрлиле со камшици и ножеви, ја биеле и ја растргнувале. Кога почувствувала силна жед, христијанинот Кирил ѝ дал вода – за што бил убиен од незнабожците, а од светицата добил благослов. Во страшните маки, ѝ ги отсекле градите и јазикот, но и покрај тоа, Ангел Божји ѝ се јавувал и ја крепел до последниот миг.
На крајот, ја погубиле со меч надвор од градот, а нејзиното тело, со љубов и почит, го погребала игуманијата Софија.Така светата Анастасија Римјанка се овенчала со маченички венец за верата Христова во времето на царот Декиј, оставајќи зад себе пример на несоборлива вера, чистота и женска сила пред лицето на страдањето.

















