На 2 август, Православната црква го празнува споменот на Светиот пророк Илија – еден од најпочитуваните светители во христијанската традиција. Иако Илинден најчесто се поврзува со Илинденското востание и Крушевската Република, празникот во својата суштина е посветен токму на Свети Илија.
Според народните верувања, Свети Илија е „господар на громовите“ и чувар на небесата. Се верувало дека тој го отвора и затвора небото, го носи дождот и управува со летните грмотевици. Затоа, во многу македонски краишта Илинден се сметал за голем празник на кој не се работело, од страв од невреме и громови.
Според библиските записи, пророкот Илија живеел околу девет века пред Христовото раѓање и бил еден од најголемите борци за верата во Бога. Тој му се спротивставил на царот Ахав и на идолопоклонството, а според Светото писмо, со своите молитви предизвикал суша, а потоа повторно измолил дожд за народот. Неговото име значи „крепост Господова“, а животот му бил исполнет со молитва, чуда и пророчки дела.
Христијанската традиција сведочи дека на крајот од својот живот Свети Илија не умрел на вообичаен начин, туку бил вознесен на небото со огнена кочија, поради што најчесто така е прикажан и на иконите.
Во македонскиот фолклор, Свети Илија има особено место. Народот верувал дека со огнена кочија патува по небото и ја брка ламјата, а громовите и молњите се негово оружје. Во некои краишта се сметало дека ако на Илинден загрми, оревите ќе бидат шупливи, додека на други места луѓето строго избегнувале работа на нивите за да не предизвикаат невреме.
Илинден со векови бил и еснафски празник. Кожуварите, самарџиите, ќерамидџиите и други занаетчии го славеле Свети Илија како свој заштитник, организирајќи заеднички прослави и црковни богослужби.
Празникот останува симбол на силната поврзаност меѓу духовната традиција, народните обичаи и историската меморија на македонскиот народ. Денес именден слават: Илија, Илко, Илина, Илинка, Илинденка, Иљо и Илчо.







